Oд ден во ден од почетокот на октомври во Чешка се бележат рекорди во бројките на новозаразени со корона вирусот, а во последниот дневен извештај на министерството за здравство се забележани 5.335 нови заразени.
Чешка оваа недела изби на чело на листата европски земји со најголем збирен пораст за 14 дена, со 327 заразени на 100.000 жители. Втора е Шпанија со 248, Белгија со 234, додека Германија има само 35.
Секој гледа дека тие бројки се зголемуваат. И не само новопотврдени, туку и луѓе во болница, а и смртни случаи. Тие броеви ќе растат отприлика уште две недели – вели министерот за здравство на Чешка, Роман Примула кој во петок ќе ги соопшти најновите мерки што ќе стапат на сила од понеделник.
Од почетокот на пандемијата во Чешка со корона вирус се заразиле вкупно 95.360 луѓе.
Најлошо погоден регион не е Прага, како што беше во септември, туку Ухерске Храдиште на југот на земјата, каде што во текот на последната седмица се регистрирани 413 новозаразени на 100.000 жители.
Сепак, во земјата не загрижува толку бројот на новозаразени, колку метеорската брзина со која вирусот се шири од септември.
Забрзувањето најдобро се покажува со фактот дека до првите 10.000 позитивни случаи се дојде за три месеци, следните 10.000 се евидентирани за два месеца, за следните 10.000 беа потребни три недели, а за најновите 10.000 само три дена. Од вкупно повеќе од 90.000 заразени половината се од септември наваму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.