Советниците на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не препорачуваат целосно затворање, туку потпирање на програмата за вакцинација и лекување.
САД не треба да воведат ново затворање за да го спречат ширењето на Ковид-19 и ќе се потпрат на други достапни алатки. Не одиме во таа насока. Имаме алатки да го забрзаме излезот од оваа пандемија: достапни вакцини, засилувачки дози, вакцинирање деца и лекување. Можеме да го сузбиеме вирусот без да ја затвориме нашата економија – изјави координаторот на Белата куќа за Ковид-19, Џеф Зиентс
Зиентс истакна дека во петокот американскиот регулатор одобри т.н „бустер“ доза за сите возрасни Американци и оти третата доза од вакцината оттогаш ја примиле три милиони Американци.
Не одложувајте, примете засилувачка доза за да имате подобра заштита од Ковид-19 додека се приближуваме кон зимата – изјави Зиентс.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, пак, во одвоена изјава, истакна дека здравствените власти во моментов не препорачуваат локдаун за борба против пандемијата.
Псаки истакна дека администрацијата е фокусирана на тоа што повеќе Американци да се вакцинираат.
Ќе продолжиме да се потпираме на советите на нашиот здравствен тим, а тоа (заклучувањето) не е нешто што тие го препорачаа – изјави Псаки.
Околу 71 отсто од возрасните Американци се целосно вакцинирани против Ковид-19, додека 82 отсто примиле најмалку една доза.
Моменталниот седумдневен просек на заразени со корона вирус во САД, земја со околу 330 милиони луѓе, е 92.800 новозаразени дневно, што е за 18 отсто повеќе од пред една недела. Хоспитализациите се зголемиле за шест проценти на околу 5.600 дневно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.