Британскиот премиер Борис Џонсон откри дека наскоро ќе се вакцинира, и тоа со вакцината на „Астра зенека“, и покрај загриженоста низ цела Европа поради информациите за појава на згрутчување на крвта.

Членовите на британскиот парламент го прашаа Џонсон за прекинувањето на вакцинацијата со „Астра зенека“ во неколку земји, вклучувајќи ги Германија и Португалија.

Можеби најдоброто нешто што можам да го кажам во врска со програмата за вакцинација со Астра зенека е дека јас наскоро ќе ја примам вакцината, што со задоволство го откривам. Дефинитивно ќе ја примам вакцината Оксфорд / АстраЗенека, изјави Џонсон.

Неговата најава предизвика новинарски прашања затоа што на Британците не им е дозволено да изберат која вакцина ќе ја примат.

Вакцинирањето во Европа во последните две недели беше нарушено поради информации за изолирани случаи на тромбоемболија кај пациенти што примиле вакцина на Астра зенека. Досега, неа во Европа ја примиле вкупно повеќе од 17 милиони луѓе, се вели во веб-страницата на таа фармацевтска компанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.