Македонија и Албанија нема да започнат преговори за пристапување затоа што францускиот претседател не го дозволува тоа.

И тоа може да го остави Балканот во конфликти и на други сили, коментира Бернд Ригерт, дописник на Дојче веле од Брисел во авторскиот текст за случувањата на дводневниот Самит на ЕУ и неможноста на европските лидери да се договорот за преговори со Скопје и Тирана.

Разочарување има во Македонија и во Албанија. Тоа е разбирливо. Според Европската комисија, Европскиот парламент и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, двете земји од Западен Балкан ги исполниле условите за започнување на преговорите за ЕУ. Од 2003 година, тие и другите балкански земји добија еврпска перспектива. Македонија ги исполнува барањата уште од 2009 година, а Албанија од минатата година. Откако Скопје го реши спорот со Атина околу името, Македонците веруваа дека на овој самит на ЕУ конечно ќе им се даде зелено светло за почеток на преговори. Но, тоа експлицитно го одбива само еден европски лидер – францускиот претседател Емануел Макрон. Уште двајца, холандскиот премиер и данската премиерка, се сокрија зад Макрон и одбија разговори со Албанија.

 

Неразумното вето на Макрон ја втурнува Европската унија во двојна криза со кредибилитетот – едниот на Балканот, другиот во самиот Брисел.

Колку вредат ветувањата на ЕУ доколку не се исполнат дури и по реформите и напорите на кандидатите? Зошто експертите во Европската комисија, која знае да биде критична, со години ги проверуваат кандидатите ако на крајот е доволно „не” од Париз да ги направи бројните резултати од проверката безвредни?

Идниот претседател на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се залага за евроинтеграција на балканските држави, ќе има големи тешкотии со француското противење. Не помага тоа што Макрон прво овозможи таа да дојде на таа позиција – а сега е навреден што не успеа да помине неговата кандидатка за Европската комисија. Макрон е лут на Брисел. Исто така, не помогнаа ниту гаранциите од канцеларката Ангела Меркел, која се залага за проширување на ЕУ.

Кредибилитетот на ЕУ и последиците во балканските земји – фрустрацијата и падот на подготвеноста за реформи – очигледно не се толку важни за францускиот претседател, како внатрешните аргументи што тој ги изнесе. Секако, зад вратот му е десничарската популистичка опозиција, која повеќе не сака имигранти во Франција и зборува против Европската унија. Но, тоа сигурно не би требало да ја поткопа заедничката политика на ЕУ.

И во Германија, десничарските популисти ги критикуваат настојувањата за проширување на ЕУ. Канцеларката, сепак, тоа досега не ја интересираше.

Шуплив е и аргументот на Макрон дека Албанија не може да ги започне преговорите затоа што многу Албанци бараат азил во Франција. Минатата година во Франција азил добија точно 74 Албанци. Останатите 8000 се економски мигранти и можат да бидат депортирани.

Поважното прашање е зошто економската состојба во Албанија е толку лоша што многу луѓе ја напуштаат земјата. Процесот на пристапување, што може да трае десет години или повеќе, може да се искористи за економски зајакнување на земјата и приближување до стандардите на ЕУ. Албанија и Македонија не би влегле во Европската унија утре и за нив не би важело веднаш слободното движење на работната сила. Работата е сосема обратна.

ЕУ несомнено извлече лекции од преговорите за пристапување со Бугарија, Романија и Турција. Денес, процесот е многу покомплексен и ригорозен. Понатамошните измени на овој процес, што со право ги бара францускиот претседател, можат да се случат и за време на преговорите, а не задолжително пред нив.

Процесот на пристапување никогаш не бил ригидна проверка, туку секогаш дава можност да се реагира на ситуацијата во земјите кандидати. Најдобар пример за тоа се 14-годишните преговори со Турција, кои се практично замрзнати поради автократското однесување на претседателот Ердоган.

Без перспектива дека еден ден ќе бидат дел од ЕУ, се загрозува мирот меѓу балканските земји. Влијанието на Русија, Кина и Турција би можело да се зголеми. Тешко е да се замисли дека тоа го сака францускиот претседател.

Аргументите на Франција се слаби. Макрон треба да го преиспита своето вето освен ако и тој самиот не сака да биде популист. Следната можност е самитот на ЕУ во декември”, пишува Бернд Ригерт во авторскиот текст „Макрон го поткопува кредибилитетот на ЕУ на Балканот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.