Претседателот Доналд Трамп и четворица негови претходници во Белата куќа присуствува во средата на државната церемонија на простување од 41-от американски претседател Џорџ Х.В. Буш, одавајќи слика на единство во поделените Соединети држави.
Доналд и Меланија Трамп, во првиот ред во Националната катедрала во Вашингтон, присуствуваа на двочасовната церемонија заедно со тројцата пораншени демократски претседатели Барак Обама, Бил Клинтон и Џими Картер, со нивните сопруги, Мишел Обама, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и Розалин Картер. Од таткото, со говор се прости, исто така, 43-от републикански претседател Џорџ В. Буш помладиот.
Медиумите истакнуваат дека Доналд Трамп се поздравил со брачната двојка Обама, но не и со Клинтонови и со Картерови, кои биле малку подалеку. Хилари Клинтон, неговата противкандидатка на претседателските избори во 2016 година, не го ни погледнала, но срдечно разговарала со потпретседателот Мајк Пенс.
Оние кои добро го познавале, меѓу нив и поранешниот канадски премиер Брајан Малрони, го опишаа Џорџ Х.В. Буш како решителен, но скромен човек кој знаел да се пошегува и на сопствена сметка. Во емотивниот говор со помалку хумор кој завршуваше со солзи, неговиот син Џорџ В. Буш, зборуваше за споменот на „големиот премиер“, „извонредно талентираниот дипломат“ и „племенитиот“ човек.
Твојот висок морал, искреноста и широката душа ќе останат засекогаш со нас – рече тој.
Принцот Чарлс, германската канцеларка Ангела Меркел, јорданскиот крал Абдула Втори и кралицата Раниа, полскиот претседател Анджеј Дуда придружуван од Лех Валенса, како и повеќе други високи функционери од странство беа меѓу присутните. По церемонијалното испраќање, ковчегот прекриен со американското знаме беше ставен во автомобил кој го превезе до воената база Ендрју во близина на Вашингтон, од каде што со претседателскиот авион ќе биде пренесен во сојузната држава Тексас. Граѓаните по патот ја поздравуваа долгата поворка автомобили.
Ова не е погреб, ова е ден на прослава за великанот кој проживеа извонреден живот. Ќе ни недостига! – напиша Трамп на Twitter пред церемонијалното испраќање.
Но само до неодамна, Северноамериканскиот договор за слободна трговија (NAFTA), кој го испреговара своевремено Буш постариот, Трамп го оцени како „глупав… катастрофален… најлош во историјата“. На некои изјави на Буш постариот, Трамп само се потсмеваше, на собирите во пресрет на изборите за Конгресот. Но кога стаса веста дека Буш починал, Трамп му одаде почест и потоа не проговори повеќе на оваа тема.
Џорџ Х.В. Буш, роден пред 94 години во богато семејство во Нова Англија, ја водеше земјата од 1989 до 1993 година во текот на завршувањето на Студената воја и во првата Заливска војна, додека во 1992 година на изборите беше поразен од демократот Бил Клинтон.
На Денот на националната жалост повеќето државни институции и Волстрит се затворени, а гласањата во Конргесот и расправите во Врховниот суд се одложени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.