Партијата Република во движење на францускиот претседател Емануел Макрон постигна многу лош резултат во вториот круг од локалните избори со освоени вкупно седум проценти од гласовите, а ништо подобро не помина ни Националниот сојуз на Марин Ле Пен, кој имаше 20 проценти, покажаа излезните анкети.

Најдобар резултат постигна десничарската партија Републиканци, која ја доби довербата од 38 проценти од гласачите, а по неа следуваат социјалистите и зелените со околу 35 проценти, пренесува Франс 24.

Ле Пен на локалните избори влезе со амбиција да освои повеќе региони, што ќе ѝ беше голема предност на претседателските избори следната година, но нејзините кандидати најверојатно нема да победат во ниту еден од нив.

Најголеми шанси ѝ беа давани во регионот Прованса-Алпи-Азурен брег, но излезните анкети покажуваат дека нејзиниот кандидат освоил 44,2 проценти од гласовите, а претставникот на републиканците 55,8.

Слично заврши и трката во регионот О де Франс, каде што конзервативниот Гзавие Бертранд победи убедливо со 52,7 проценти од гласовите, пред кандидатот на Националниот сојуз, кој освои 25,9 и кандидатот на левицата со 21,4 проценти од гласовите.

Во најбогатиот и најнаселен регион, Ил де Франс, во кој е и Париз, победи конзервативката Валери Пекрес со 45% од гласовите. Зад неа беа кандидатот на Зелените со 32 и претставниците на Националниот сојуз и Република во движење со по 10% гласови.

И денешниот втор круг на изборите беше обележан со исклучително низок одѕив, бидејќи гласаа само 33,7 проценти од гласачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.