Во Сирија денеска се одржуваат парламентарни избори во делови од војна разорената земја чија власт е предводена од претседателот Башар Ал Асад.
Сиријците ќе излезат на гласачките места за избор на нов парламентарен состав, во услови на строги здравствени мерки воведени поради спречување на ширењето на новиот корона вирус.
Ова е трет изборен циклус во земјата од почетокот на судирите во март 2011 година во кој загинаа повеќе од 400 илјади луѓе, половина од населението во земјата е раселено, а повеќе од пет милиони Сиријци станаа бегалци во соседните земји.
Изборите, исто така, се одржуваат после воведувањето на нови американски санкции кои се на сила од минатиот месец, а и кампањата за борба против корупција во која богатиот роднина на Асад е под притисок да врати десетина милиони долари на државата.
Ќе учествуваат околу 1 658 кандидати во изборот на 250 пратеници во Народното собрание. Вкупниот врој на гласачи не е соопштен. На гласачките места сите носат маски и ракавици, додека гласачите мораат да користат нивни пенкала за време на гласањето.
Асад на два пати ги одложуваше парламентарните избори поради рестрикциите кои се воведени во борбата против ширењето на Ковид-19. Сирија, пред војната имала околу 22 милиони жители. Досега земјата пријавила само 496 заразени со новиот вирус и 25 смртни случаи.
На овие избори ќе бидат отворени 7 400 гласачки места во 15 области. Гласањето нема да биде спроведено во северо-западната провинција Идлиб, последното упориште на бунтовниците во оваа земја, контролирани од курдската војска која е поддржана од САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.