Смртноста од Ковид-19 во САД во изминатото деноноќие постигна рекорд, надминувајќи ја бројката од 800 починати лица. На ниво на цела земја досега вкупно умреа повеќе од 3.700 Американци, јави „Вашингтон пост“.

Во САД од коронавирусната инфекција досега се заразени 185.000 лица.

Како што изјавија синоќа Дебора Биркс и Антони Фаучи, првите луѓе од координативното тело на Белата куќа за борба со коронавирусот, во САД се предвидуваат од 100.000  до максимални 240.000 смртни случаи од Ковид-19.

Но, тие се надеваат дека ова може да се спречи ако строго се почитуваат протоколите за намалување на последиците од вирусот.

Ненси Пелоси, демократска спикерка на Претставничкиот дом, синоќа за Си-Ен-Ен изјави дека Американците умираат поради задоцнетата реакција на администрацијата на претседателот Доналд Трамп на ширењето на коронавирусот.

-Негирањата на претседателот на почетокот беа смртоносни. Задоцнетото снабдување на опремата таму каде беше најпотребна е смртоносно. Додека претседателот безделничи, луѓето умираат, изјави Пелоси.

Таа укажа дека откако ќе заврши најлошото време од катастрофата, „ќе биде отворена истрага за акциите на Трамп“.

Претседателот на ова одговори дека Пелоси e „болно кученце. Таа има многу проблеми“.

Ја обвини дека ги игнорирала неговите првични одлуки да ги забрани летовите од Кина и дека ако не го сторел тоа „ќе имаше смртност каква што не сме виделе досега“.

Трамп ја обвини Пелоси и поради тоа што го трошела времето за негов импичмент. Истрагата за импичмент заврши во декември со гласањето во Претставничкиот дом, пред коронавирусот да се појави во САД.

-Сметам дека е срамно за нејзината земја, за нејзиното семејство. Колку страшна изјава, кажа претседателот за критиките од Пелоси



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.