Иако се уште постои загриженост кај родителите и наставниците за планираното повторно отворање на училиштата на 11-ти мај, министерот за образование на Франција, Жан Луис Бланкер ги истакна веројатните планови за враќање на децата во училишните клупи пред парламентарната комисија во вторникот.

Училиштата во Франција се затворени од 16 март и идејата е учениците да се враќаат фазно во период од три недели со почеток на 11 мај. Бланкер вели дека плановите се изготвени во консултација со наставниците и локалните власти, а земено е и искуството на Германија.

Првите ученици што ќе се вратат ќе бидат 5-7-годишниците, како и оние во последната година од основното училиште. Следната недела ќе им се придружат 11-12 годишни деца, 14-15 годишните и 16-18 годишните. Една недела подоцна, сите други ученици треба да се вратат.

Според плановите, не би биле дозволени повеќе од 15 ученици во училница заедно, така што часовите ќе бидат поделени во групи и додека некои ќе бидат на предавање, други ќе имаат спортски активности или ќе учат во друга просторија.

Родителите кои не сакаат, ќе имаат право да не ги испраќаат своите деца на училиште, но се очекува да имаат повеќе обврски. Иако не даде детали, тој рече дека ниту едно училиште нема да се отвори без неопходната заштитна опрема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.