Австриската полиција се уште испитува како терористот од Виена стигнал до центарот на градот, каде што на 2 ноември застрела четири лица пред самиот да биде смртно погоден од полицијата.
Главната дилема што ја истражува полицијата е дали Кујтим Фејзулаи имал возач и како го донел оружјето во центарот на Виена.
Како што соопштува командирот на виенската полиција, Герхард Пирстл, засега немаат докази коишто ќе потврдат дека терористот имал помошник, иако истрагата продолжува во таа насока, пишува весникот „Естерајх“.
Засега се исклучува можноста дека 20-годишниот напаѓач користел метро од неговиот стан. Истражителите исто така сметаат дека е малку веројатно тој да се возел со друг јавен превоз каде што има видео надзор.
Како сторителот влегол во градот е предмет на истрага. Се разгледува можноста дека имал соработник, дошол со такси или со други услуги за превоз, ако се претпостави дека терористот не пешачел или возел велосипед – нагласува портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Харалд Сирос.
Голем дел од истрагата е насочена кон проверување на видеата објавени на социјалните мрежи, коишто може да бидат поврзани со нападот.
Меѓу нив е и едно, што се појави вечерта на нападот, на кое се гледа како маж во автомобил има автоматска пушка, калашников или реплика, стегната меѓу неговите нозе.
Ова видео, како и сите други што се објавени, сè уште се проверуваат. Сепак, нејасно е дали ова видео е поврзано со нападот или дури дали е снимено во Виена или Австрија – вели Сарос.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.