Владите во еврозоната мора да размислат за издавање заедничка „коронаобврзница“, за да не предизвика пандемијата на коронавирусот нова должничка криза, изјави денеска членот на Упрaвниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Карлос Коста.
Потребен е заеднички и сеопфатен одговор од Европа за да се надополни програмата за купување на обврзници на ЕЦБ и флексибилност во однос на фискалната дисциплина и државната помош што ја нуди Европската комисија, нагласува тој.
Ако не соработуваме во оваа криза, трајно ќе му наштетиме на европскиот проект, напиша Коста, кој исто така е гувернер на Португалската централна банка.
Мора да се најде решение за да се спречи кризата со коронавирусот да стане нова должничка криза, додаде тој.
Притоа, Коста им се придружува на поголем број официјални претставници на ЕЦБ, кои ги повикуваат владите во еврозоната да одговорат на координиран начин на пандемијата.
Во петокот, ЕК ја отвори вратата за олеснување на буџетските правила за земјите-членки и издавање на заеднички обврзници во еврозоната за да ги ублажат ефектите од епидемијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.