Се чини како странски фактор да управува со кризата во Украина, фаворизирајќи одолговлекување и ескалација на конфликтот, изјави кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг.

„Странски фактор ја стави кризата во Украина во служба на одредени геополитички цели“, изјави тој на маргините на годишниот парламентарен состанок во Пекинг, без да прецизира на кого мисли.

Тој повика на дијалог „што е можно поскоро“.

„Конфликтот, санкциите и притисокот нема да го решат проблемот… Процесот на мировни преговори треба да започне што е можно поскоро, бидејќи безбедносните грижи на сите страни се легитимни и треба да се почитуваат“, рече тој.

Ставот на Кина за војната во Украина беше во центарот на вниманието изминатата недела поради продлабочувањето на односите со Москва и загриженоста на западните земји кои сметаат дека земјата која одби да ја нарече Русија агресор во овој конфликт не може да биде искрен посредник во какви било потенцијални мировни преговори.

На 24 февруари минатата година Русија испрати свои војници во Украина во, како што ја нарекува, „специјална воена операција“. Конфликтот резултираше со уништени градови, раселени милиони лица и ослабена глобална економија.

Шефот на кинеската дипломатија нагласи дека Пекинг не доставил оружје за ниту една страна од украинскиот конфликт, одговарајќи на коментарите на американските официјални лица за „последиците“ што Кина ќе ги сноси ако и обезбеди „смртоносно оружје“ на Русија.

„Кина не е вклучена во конфликтот во Украина и не обезбеди оружје на ниту една страна. Затоа, да се зборува за вина, санкции и закани на Кина е апсолутно неприфатливо“, нагласи тој.

На прес-конференцијата, Чин зборуваше и за односите меѓу САД и Кина, изразувајќи надеж дека двете земји можат да најдат „заеднички јазик“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.