Бројот на жртви во стравичната несреќа во Италија се искачи до 13.

Во моментот на падот во кабината имало најмалку 15 луѓе, јавува Ла република. Две деца во критична состојба се префрлени во болница во Торино. Според Кориере дела сера, повредените деца имаат 5 и 9 години. Петгодишното дете добило тешки повреди на главата и преломи на нозете, додека деветгодишното било реанимирано и се наоѓа на оделот за интензивна нега.

Кориере пишува дека кабината паднала на една од највисоките точки. Се нагаѓа дека станувало збор за висина од стотина метри.

Кабината на жичарата падна од релативно висока точка и заврши на тлото во подножјето на голема шума. Кабината е целосно згмечена, па падот очигледно бил страшен, кажа Валтер Милан од Алпин рескју.

Милан, портпарол на националната алпска служба за спасување кажал за Раи њуз дека двете тешко повредени деца со хеликоптер биле итно префрлени во педијатриска болница во Торино.

Несреќата се случила додека жичарата се искачувала, а кабината паднала од голема висина и се тркалала сè додека не ја сопрело стебло. Планинари слушнале страшен звук, а веројатно причина за несреќата е пукнат кабел.

Патолозите почнале со идентификација на жртвите, меѓу кои има и странци.

Жичарата била затворена во 2014 година поради генерален ремонт и повторно отворена две години подоцна. Работите чинеле 4 милиони евра, пишува Газета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.