Бразил ќе понуди примање четврта доза вакцина против Ковид-19 за возрасните лица со ослабен имунитет. Од бразилското министерство за здравство соопштија дека оваа доза ќе може да се даде четири месеци по третата „бустер“ доза.

Во циркуларното писмо се наведува дека планирано е да се намали интервалот помеѓу втората и третата доза на вакцината од пет на четири месеци.

Во меѓувреме, бразилската Влада најави дека ќе донира 10 милиони дози вакцини на сиромашните земји во рамките на програмата Ковакс на Светската здравствена организација. Според бразилското Министерство за здравство, тоа нема да влијае на кампањата за имунизација во Бразил.

Вакцинацијата во Бразил почна задоцнето и хаотично, поради критиките од екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро. Тој одби да се вакцинира и ја критикуваше одлуката на регулаторните органи да се дозволи вакцинација на децата на возраст од пет до 11 години.

Во Бразил од последици од корона вирусот починале повеќе од 617.000 луѓе, со што земјата е на второ место, по САД, според бројот на смртни случаи. Бразил со 212 милиони население е на трето место по број на заразени со повеќе од 22 милиони.

Сепак, кампањата за вакцинација во Бразил е забрзана во последните месеци, при што две третини од населението веќе се целосно вакцинирани. Намален е бројот на нови инфекции и смртни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.