Бразилскиот министер за финансии Паоло Гуедес најави дека неговата Влада ќе ја затвори канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во земјата бидејќи не е задоволна од економските прогнози.

Со години (претставниците на ММФ) не се потребни овде. Останаа бидејќи сакаат феијоада, гулаш од црн грав и месо, фудбал, пријатен разговор и од време на време да критизираат и да даваат погрешни предвидувања – посочи Гуедес.

Од 30 јуни, 2022 година, кога на актуелниот претставник на ММФ ќе му заврши мандатот, Бразил повеќе нема да ја признава Канцеларијата на ММФ.

ММФ се согласи да ја затвори Канцеларијата во Бразил на 30 јуни следната година.

Се надеваме дека високиот квалитет на ангажманот помеѓу Фондот и бразилските власти ќе продолжи и ќе соработуваме на поддршката на Бразил за зајакнување на неговата економска политика и институционална структура – се наведува во соопштението на ММФ

Бразилската Влада одлуката ја донесе по критиките на Гуедес за предвидувањата на ММФ изминатите години. ММФ за 2020 година, за време на пандемијата со Ковид-19 предвидуваше намалување на бруто домашниот производ (БДП) од девет проценти, а истиот изнесуваше четири отсто.

Гуедес постојано ги обвинува странците, но и Бразилците дека ја потценуваат најголемата економија во Јужна Америка. Според него, оваа година се очекува пораст на БДП од пет проценти, а за следната од два отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.