Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден во божиќната порака до американските граѓани порача дека борбата против пандемијата продолжува.

Како што истакна Бајден, запирањето на пандемијата, заедно со обновата на американската економија ќе бидат најважните работи со кои новата администрација на Бајден ќе се зафати по преземањето на Белата куќа.

Најцрните денови во борбата против вирусот се пред нас, а не зад нас, треба да покажеме трпение, издржливост и одлучност за да го победиме – изјави Бајден.

Тој побара од Американците да бидат внимателни за празниците.

Да се грижиме еден за друг и уште малку да останаме разделени, како што направивме и за Денот на благодарноста – побара Бајден.

Бајден ја обвини актуелната администрација што дозволила да се случат големи кибер напади врз САД, откако повеќе официјални лица ја обвинија Русија за неодамнешните кибер напади врз десетици американски државни агенции и за ширење штетни програми кај илјадници компании.

Новоизбраниот претседател за ова изјави дека не постојат индиции дека ситуацијата е под контрола. Тој предупреди дека САД нема да седат со скрстени раце и ќе одговорат на нападите.

Бајден го обвини актуелниот претседател во тоа што не обезбедил заштита на земјата. Исто така, ги искритикува службите дека не соработуваат целосно во преземањето на власта од неговиот тим и дека Министерството за одбрана „не сака дури и да ги брифира за многу работи“.

Бајден го пофали Конгресот за донесување на законот за економска помош и вети дека веднаш по преземањето на власта, ќе побара дополнителни мерки за заштита на Американците.

Бајден истакна дека направил „очигледен избор“ за државен обвинител на САД. Си-Ен-Ен дознава дека името на носителот на оваа позиција ќе биде обајвено денеска или најдоцна утре.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.