Училиште за девојчиња е разнесено во северозападен Пакистан во првиот бомбашки напад врз женското образование по неколку години, неколку недели откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан.

Бомбата експлодирала во училиштето во градот Тенк, кој се наоѓа во непосредна близина на Јужен Вазиристан, регион на границата со Авганистан, кој долго време служеше како база за милитантите поврзани со Ал Каеда.

Експлозијата делумно го уништила надворешниот ѕид и училница. Според првичните информации нема загинати ниту повредени.

Ниту една група не ја презеде одговорноста, иако пакистанските талибанци напаѓаа стотици женски училишта во регионот, пред да бидат потиснати во воените операции од 2014 година.

Пукањето во добитничката на Нобеловата награда Малала Јусафзаи во 2012 година и нападот врз училиште управувано од армијата две години подоцна во кој загинаа околу 150 деца беа најлошите напади на талибанците врз образованието во Пакистан.

Пакистанските талибанци го следат истото тврдокорно толкување на сунитскиот ислам како авганистанските соборци, но тие имаат различна организациска поставеност.

Нападот се случува неколку недели по преземањето на Авганистан од страна на талибанците, што според аналитичарите, ги охрабри исламистичките милитанти во Пакистан.

Авганистанските талибанци делумно го забранија образованието на девојчињата во Авганистан.

Пакистанските талибанци ги зголемија нападите врз безбедносните сили на земјата во нивните поранешни упоришта во близина на границата со Авганистан по падот на Кабул.

Само во август имаше повеќе напади дневно, вклучувајќи самоубиствени бомбашки напади и заседи. јт/

2021-09-23 10:00:31, од Јасмина



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.