Европската унија му испрати на Вашингтон нацрт заедничка изјава за самитот ЕУ-САД на 15 јуни, во која се предлага двете страни да одговорат на „непријателските акции” на Русија, објави американската агенција „Блумберг”, повикувајќи се на документ.
Самитот ЕУ-САД ќе се одржи еден ден пред состанокот на претседателите на САД и на Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, во Женева.
Ние сме обединети во принципиелниот пристап кон Русија и одлучно ќе одговориме на моделот на нејзиното негативно однесување кое се повторува, како и на непријателските акции, се наведува во документот.
Според американската агенција, ЕУ и САД ќе се заложат на самитот против „репресијата која Русија ја спроведува врз цивилното општество, опозицијата и независните медиуми”, а исто така ќе изнесе и став за поблиска економска соработка.
Покрај тоа, двете страни би можеле да се изјаснат и за заедничко спротивставување кон Кина, за што станува збор и во нацрт-документот.
Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли изјави дека Брисел треба да ги заостри санкциите против Русија.
Според неговата проценка, односите меѓу ЕУ и Русија се „многу тензични” поради ситуацијата околу рускиот опозиционер Алексеј Навални и конфликтот во југоисточниот дел на Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.