Шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, го поздрави ослободувањето на американскиот новинар, Дени Фенстер во Мјанмар.
Блинек порача дека новинарот бил „неправедно држен во затвор речиси шест месеци“ по државниот удар во февруари кога беше соборена цивилната влада.
Тој додаде дека е среќен што Фенстер наскоро ќе биде со своето семејство и порача дека САД продолжуваат да повикуваат на ослободување на другите кои „сè уште се неправедно затворени во Мјанмар“.
Новинарот Дени Фенстер, кој неодамна беше осуден на 11 години затвор во Мјанмар, денеска е ослободен и е на пат за дома – соопшти поранешниот американски амбасадор во ОН, Бил Ричардсон, кој помогна во преговорите за неговото ослободување.
Во соопштението на Ричардсон се наведува дека Фенстер му бил предаден на Ричардсон во Мјанмар и ќе се врати во САД преку Катар во следниот ден и половина.
Новинарот (37) кој работеше за списанието „Фронтиер Мјанмар“ беше уапсен во мај кога се обидел да ја напушти земјата и оттогаш се наоѓаше во затворот Инсеин, во близина на Јангон.
Минатата недела, судот во Мјанмар го осуди на 11 години затвор за поттикнување бунт против армијата и нелегално здружување. Тој утре требаше повторно да се појави пред суд за тероризам и бунт, за што му се закануваше доживотен затвор.
Според ОН, откако армијата ја презеде власта во Мјанмар најмалку 126 новинари и претставници на медиумите и издавачи се приведени, а 47 се уште се во притвор, иако сите не се обвинети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.