Без смртни случаи и околу 200 заразени, пристапот на Виетнам кон коронавирусот е пофален од Светската здравствена организација и може да им одржи лекција на земјите што се борат да ја контролираат појавата на епидемијата.

И покрај тоа што Кина и Виетнам имаат заедничка граница, Виетнам во комбинација на рано одлучно дејствување, екстензивно тестирање, енергичен карантин и социјално единство, засега успева да го избегне уништувањето какво што се гледа во Европа и САД.

Статистиките покажуваат дека во моментов повеќе од 75.000 лица се во карантин или изолација. Виетнам досега направи повеќе од 121.000 тестирања, од кои само 260 се покажаа позитивни.

Се уште нема смртни случаи поврзани со вирусот, а стапката на инфекција останува значително помала од Јужна Кореа, Сингапур, па дури и Тајван.

Кидонг Парк, претставник на СЗО во Виетнам, верува дека најбитно било раното дејствување на земјата на кризата.

„Виетнам дејствуваше на оваа појава рано и проактивно. Првата вежба за проценка на ризикот беше спроведена во јануари, откако беа пријавени првите случаи во Кина“, истакна Парк.

Земјата брзо формираше Национален управен комитет за Ковид-19, за спречување и контрола на коронавирусот под покровителство на вицепремиерот, кој веднаш спроведе национален план за одговор, додаде Парк.

И покрај тоа што има мал број на потврдени случаи, Виетнам воведе целосен карантин на 1 април, далеку побрз и одлучувачки пристап од Велика Британија или Италија, каде бројот на позитивни случаи достигна илјадници, пред да застане социјалниот живот.

Додека владите спроведоа карантини за да се справат со постојната епидемија, Виетнам го направи тоа за да избегне национална криза.

Голем дел од успехот на Виетнам се должи на неговото социјално единство. Премиерот Нгуен Ксуан Фук ги опиша напорите на Виетнам како „пролетна општа офанзива за 2020“,  повикувајќи се на клучната офанзива од 1968, Тет офанзива спроведена од Виет Конг за време на Виетнамската војна.

Виетнамските училишта се затворени од јануари, а масовниот карантин  започна на 16 март. Оттогаш, десетици илјади луѓе што влегуваат во земјата од тешко погодените нации беа ставени во задолжителен карантин во огромни логори во воен стил. До 25 март, меѓународните летови целосно престанаа.

Сè уште не се намалуваат овие ограничувања. Огромното мнозинство на домашни летови, возови и автобуси се стопирани, а секој што ќе замине од Ханој – епицентарот на избувнувањето на Виетнам – е ставен во карантин по пристигнувањето во било која друга покраина.

Сепак, иако овие строги мерки досега се преточени во релативно успешен исход, останува да се види дали Виетнам или други нации со слични одговори можат да го задржат ширењето на вирусот во подолг период.

Извор: ДПА, Берлин



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.