Италија од денес е ставена во црвена зона. Владата одлучи да ја затвори земјата за време на Божиќните и новогодишните празници, односно од 24 до 27 декември, од 31 декември до 3. јануари, како и на 5. и 6. јануари, со цел да се избегнат собири на луѓе и ширење на вирусот.

Повеќето Италијанци велат дека не разбираат што им е дозволено и што не смеат, па затоа голем број од нив се шегуваат на социјалните мрежи за деновите кога Италија е во црвената зона и за оние во кои се наоѓа во портокаловата зона.

За да се справат со сите овие правила, Италијанците мора да имаат календар и пенкало при рака и да обележат што смее во кои денови, кога се отворени продавниците, кога е дозволено да патуваат од една во друга општина, за што е потребен автосертификат и сл.

За Италијанците кои се навикнати да ги поминуваат Бадник и Божиќ со своите семејства, ова ќе биде сосема поинаков празник. Најновиот декрет им овозможува на роднините и пријателите да се посетуваат само еднаш дневно и тоа само на две лица во придружба на деца на возраст под 14 години, додека виролозите објаснуваат што се препорачува како претпазливост за време на празниците.

Збир на правила

Професорот од болницата Сан Рафаеле во Милано, Карло Сињорели, за медиумите вели дека доколку луѓето сакаат да имаат помал ризик од зараза, треба да држат дистанца и да седат на масата на метар и половина подалеку од другата личност.

Потоа им се препорачува на луѓето да се воздржат од прегратки, да не користат исти салфетки и да бидат внимателни да не користат исти чаши или чинии, но и да внимаваат на приборот за јадење да не се зема со него храна од заедничките чинии за послужување.

Доколку остане дел од храната, препораката е таа храна повторно да се загрее на температура од над 60 степени за да се убијат сите вируси и бактерии. Сињорели исто така препорачува да не им се даваат своите мобилни телефони на другите членови на семејството.

Потребно е да се заборави на пеењето, бидејќи така најмногу се шири заразата преку капки. Исто така, секој мора да користи своја крпа за бришење и потребно е често да се проветруваат просториите, барем на секои половина час.

На влезот, гостите треба да ги соблечат обувките и да им дадат влечки што ќе бидат фрлени по употреба. Се советува децата да не пристапуваат кон возрасните затоа што може да се носители на вирусот, размената на подароци да се изврши брзо без никаков контакт и да нема здравици на масата.

Задолжителен сертификат за напуштање на домот

Од денес, секогаш кога земјата е во црвената зона, Италијанците мора да имаат сертификат што ќе го оправда напуштањето на домот, додека органите за спроведување на законот ја засилија контролата на градските улици и патишта.

Онлајн Божиќ

Животот  на повеќето Италијанци премина во виртуелната реалност уште од почетокот на епидемијата, така што изобилуваат реклами за онлајн Божиќ и размена на честитки со бабите и дедовците преку мониторите.

Божиќ 2020 година е тажен празник за многу семејства на 70.900 луѓе кои починаа од ковид додека за оние што се опоравиле, тоа е празник со посебно значење.

Значи, Божиќ што Италијанците никогаш не го доживеале, но кој сигурно нема да го заборават.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.