На Волстрит берзанските индекси достигнаа нови највисоки нивоа во историјата додека инвеститорите ги чекаат одлуките на лидерите на американската централна банка за намалување на монетарните стимулации. „Доу Џонс“ (Dow Jones) зајакна за 138 поени или 0,39 отсто, на 36.052 поени, „СиП 500“ (S&P 500) порасна за 0,37 отсто, на 4.630 поени, додека индексот „Насдак“ (Nasdaq) порасна за 0,34 отсто, на 15.649 поени.
„Доу Џонс“ достигна рекордно високо ниво трет ден, а „СиП 500“ и „Насдак“ индексот четврти ден по ред бидејќи кварталните деловни резултати на компаниите беа подобри од очекуваните. Досега, приближно 320 компании во индексот „СиП 500“ објавија резултати, при што околу 82 проценти оствариле поголема заработка од проценетата.
Аналитичари сега проценуваат дека заработката на компаниите и банките од индексот „СиП 500“ пораснала за 40,2 отсто во третиот квартал во однос на истиот период лани, додека на почетокот на октомври очекувале раст од 29,4 отсто. Инвеститорите ќе се фокусираат денеска на одлуките и пораките на челниците на американската централна банка, по нивната редовна дводневна седница.
Се очекува лидерите на ФЕД да го одобрат планот за намалување на програмата за откуп на обврзници од 120 милијарди долари месечно, што ја поддржа ликвидноста, а со тоа и раст на пазарот на капитал од почетокот на пандемијата на корона вирусот. Инвеститорите внимателно ќе ги следат пораките во врска со клучните каматни стапки и инфлацијата.
Повеќето аналитичари веруваат дека ФЕД ќе почне да ги зголемува каматните стапки во втората половина на следната година и би можел да ги зголеми во два наврата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.