Поранешната социјалдемократска министерка, Франциска Гифеј, е избрана за градоначалничка на Берлин. Четириесет и тригодишната Гифеј е првата жена избрана на чело на германскиот главен град, со кој Социјалдемократската партија (СПД) раководи во последните две децении.
Таа беше министерка за семејство во периодот меѓу 2018 и 2021 година во владата на поранешната канцеларка Ангела Меркел.
Гифеј беше на министерската позиција до мај, кога поднесе оставка поради обвинувањата за плагијат на нејзината докторска теза. Подоцна и беше одземен докторатот, но таа остана доследна на својот план да се кандидира за градоначалничка на Берлин.
Новата градоначалничка веќе им е позната на граѓаните на Берлин од времето пред да ѝ се приклучи на националната влада во 2018 година како популарна градоначалничка на берлинската област Нојкелн, која има висока стапка на сиромаштија и многу семејства со имигрантско потекло.
Како градоначалничка на Берлин, Гифеј ги истакна станбените прашања како свој главен приоритет и настапи со план да се забрза изградбата на станови поради зголемените кирии.
Една од главните мисии наведени од трите владини коалициски партнери е во Берлин да бидат изградени најмалку 200.000 станови до 2030 година, поради тоа што градот секоја година привлекува се повеќе жители.
Високите цени за изнајмување долго време се една од главните теми во Берлин. Надлежните служби на новата градоначалничка ќе треба да одлучат што ќе прават со резултатите од необврзувачкиот референдум одржан во септември, според кој гласачите го поддржаа повикот локалната власт да изврши експропријација на околу 240.000 станови од корпоративни сопственици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.