Белоруските власти ја предупредија Полска да не „користи провокации“ на границата, каде што неколку илјади мигранти чекаат да влезат на територијата на Европската Унија (ЕУ) додека на границата се распоредени полски војници.

Минск и Варшава веќе неколку недели се во спор околу мигрантското прашање, во време кога ЕУ го обвини белорускиот претседател Александар Лукашенко дека организира бран мигранти, главно од Блискиот Исток, како одговор на санкциите на ЕУ кон Белорусија поради репресијата врз опозициските демонстранти.

Белоруските власти ги отфрлија тие обвинувања и ја предупредија Полска да не користи провокации за да ги „оправда можните незаконски воинствени дејствија“ против мигрантите.

Минск ги оцени како „неодржливи“ обидите на Полска да ја префрли одговорноста врз Белорусија „за мигрантската криза на границата“.

Полското Министерство за одбрана не бара конструктивно решение за тоа прашање и намерно ја крева актуелната конфликтна ситуација на политичко ниво – велат белоруските власти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.