Со цел да се спречи четврти бран oд пандемијата на коронавирусот белгиските власти денеска донесоа одлука за задолжителна работа од дома 4 дена во неделата.
Досега во Белгија важеше само препорака за работа од дома за да се намали преносот на вирусот меѓу вработените.
Обврската за работа од дома, каде што е можно, ќе стапи во сила на 20 ноември.
„Целта на оваа мерка е да се ограничи заразувањето на работното место, како и во јавниот транспорт“, велат белгиските власти.
Тие повикуваат на максимално физичко растојание меѓу луѓето и ограничување на контактите, особено во затворени простории.
Ковид-сертификатите, кои се неопходни за влез во белгиските барови, ресторани и настани со повеќе од 50 лица во затворени простории или 100 лица на отворено, сега ќе бидат придружени со задолжително носење заштитни маски.
На денешната седница на Советодавниот комитет била донесена одлука за обврска за носење заштитни маски во сите затворени јавни простори и во јавниот превоз за сите лица постари од 10 години.
„Девет од десет граѓани се вакцинирани и тоа е причината што не сме повторно во полициски час“, изјави премиерот на Белгија, Александар де Кро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.