Американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Кина дека прикрила „клучни информации за потеклото на корона вирусот. Ваквиот став на бајден доаѓа по објавувањето на резимето на извештајот на американската разузнавачка истрага, во кој има останато одредени нејаснотии.

Извештајот, означен како строго доверлив, оваа недела бил доставен до Бајден, кој на разузнавачките служби им даде рок од 90 дена за да ги удвојат напорите и да го објаснат потеклото на пандемијата на корона вирусот.

Според делови од извештајот објавен синоќа, разузнавачките служби заклучиле дека корона вирусот, чие научно име е САРС-КоВ-2, не е развиен како биолошко оружје и оти веројатно не е генетски модифициран.

Сепак, останува поделеност во ставот дали корона вирусот е предизвикан од природна изложеност или е резултат на „лабораториска несреќа“.

Во Кина постојат клучни информации за потеклото на пандемијата, но од почетокот, тамошните власти работеа на спречување на пристапот на меѓународните истражители – изјави американскиот претседател.

Бајден додаде дека Кина продолжува да ги отфрла повиците за транспарентност и крие информации, иако пандемијата на корона вирусот сè уште е присутна.

Кинеската Амбасада во Вашингтон веднаш реагираше и ги обвини САД за политичка манипулација.

Извештајот на американската разузнавачка заедница покажува дека САД се решени да тргнат по погрешен пат на политичка манипулација – соопшти кинеската Амбасада.

Оттаму додаваат дека извештајот се базира „на претпоставка за кинеска вина, само за Кина да стане жртвено јагне“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.