Американскиот претседател Џо Бајден порача дека целосно стои зад неговата одлука за повлекување од Авганистан, затоа што, како што истакна, американските војници не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат.

Обраќањето на Бајден од Белата куќа е прва изјава на Бајден за преземање на власта од страна на талибанците во Авганистан. Претходно, тој зборуваше за Авганистан минатиот вторник кога ја бранеше својата одлука за повлекување на војниците од Авганистан и кога изрази уверување дека тамошната војска има сила да се одбрани од талибанците.

Сепак, наместо уредно повлекување, за што имаше јавна поддршка, целиот процес се претвори во понижувачки американски дебакл.

Бајден порача дека цврсто стои зад одлуката за повлекување на американските војници и покрај тоа што талибанците ја соборија авганистанската влада за само неколку дена и ја презедоа контролата врз земјата.

Тој нагласи дека не сака да ги повтори грешките од минатото и да остане во војна што не е во американски интерес.

Ако авганистанските сили не сакаат да се бранат, нема шанси дека уште една година или повеќе години од американски ангажмани да направат разлика – оцени Бајден.

Тој истакна дека американските сили не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат.

Авганистанските политички лидери кренаа раце и избегаа од земјата, а војската одби да се бори – изјави американскиот претседател.

Тој, сепак, призна дека авганистанската влада паднала побрзо отколку што очекувале Американците. Бајден, исто така, откри дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани одбил да учествува во обидот да се најде дипломатско решение.

Бајден додаде дека сцените од Кабул, каде владее хаос на аеродромот, предизвикуваат „грчеви во стомакот“.

Во наредните денови, американската војска ќе евакуира илјадници американски државјани од Авганистан – изјави Бајден, најавувајќи дека САД ќе продолжат да го поддржуваат безбедното повлекување на сите свои сојузници.

Тој им вети на талибанците брз и жесток одговор доколку ги нападнат „нивните луѓе“.

Сепак, мнозинството Американци (69,3%) не ги одобруваат постапките на претседателот Бајден во Авганистан, покажува анкетата на истражувачката фирма „Трафалгар груп“. Речиси 89 отсто од републиканските испитаници не ја одобруваат политиката на Бајден во Авганистан, но не се согласуваат ни 48 проценти од демократските поддржувачи. Само 23,1 проценти од испитаниците се задоволни од политиката на Бајден кон Кабул.

Анкетата беше спроведена преку Интернет на 14 и 15 август 2021 година и вклучи 1.084 испитаници, со статистичка грешка од 2,98 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.