Австриската Влада на денешната вонредна седница прогласи тридневна жалост поради терористичкиот напад што синоќа се случи во Виена, при што се убиени четири лица, а повредени се најмалку 17 луѓе.

Знамињата во сите државни институции се спуштени на половина копје, а на пладне ќе има една минута молк за жртвите. Додека утре во училиштата, според владината одлука, ќе биде одржано сеќавање на жртвите од терористичкиот напад.

– Австрија била, останала и секогаш ќе биде нација на шареноликост, дијалог и меѓусебно почитување поради што настаните од 2 ноември тешко не погодија, се наведува во одлуката на Владата.

Претседателот на Австрија, министрите, претседателот на Парламентот, како и градоначалникот на Виена денеска ќе положат венец на местото на нападот.

Според австриската Влада терористичкиот напад го оцени како „напад врз слободата и демократијата“.

Последен пат во Австрија беше прогласена четиридневна жалост по смртта на австрискиот претседател Томас Клестил во 2004 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.