Австрија ќе ги отвори границите следната недела и ќе ги отстрани барањата за
патнички карантин за повеќе од 20 европски земји, соопштија денеска властите,
како чекор за олеснување на преземените мерки за запирање на ширењето на
коронавирусот
Одлуката првенствено треба да ги олесни тензиите со Италија, откако Австрија го издвои својот јужен сосед како земја чии граѓани мора да поминат низ постојани проверки пред да влезат во земјата, со оглед на големиот број Италијанци
заразени и починати од ковид-19.
Австрија, која граничи со осум земји, минатата недела ги укина граничните ограничувања за сите освен за Италија, поради што Рим рече дека ваквите „индивидуални“ решенија му штетат на имиџот на ЕУ како блок од 27 држави.
Од 16 јуни, Австрија ќе ги укине проверките на патиштата за повеќе од 20 држави, изјавија официјални лица кои сакаат да останат анонимни, што значи дека патниците кои пристигнуваат од тие земји не би требало да одат во двонеделен карантин или да покажат негативен тест на вирусот.
Отстранувањето на контролите нема да ја вклучи Шведска, изјавија официјалните лица, додавајќи дека деталите ќе бидат финализирани утре на министерскиот состанок.
Шведска не воведе општ карантин против вирусот, за разлика од повеќето земји.
Се претпоставува дека Австрија целосно ќе ги укине барањата за карантин само за жителите на Италија кои доаѓаат од регионите кои се помалку погодени од инфекцијата.
Владата соопшти дека се надева дека ќе ја отвори границата што е можно поскоро, додавајќи дека некои италијански региони напредуваат во намалувањето на стапките на инфекција.
Трите северни италијански региони кои граничат со Австрија, направија големи чекори за намалување на стапките на инфекција.
Северна Италија имала најголем број зарази и смртни случаи од ковид-19, додека на југ имало многу помалку случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.