Австралија од следниот месец повторно ќе ги отвори своите граници, 18 месеци по воведувањето на забраната за патување во странство без дозвола воведена поради корона вирусот.

Премиерот Скот Морисон, соопшти дека вакцинираните Австралијанци „од следните недели“ ќе може да патуваат во странство и да се вратат дома, штом ќе се постигне целта од 80 проценти на вакцинирани граѓани.

Дојде моментот Австралијците да си го вратат животот. Се подготвуваме за тоа и Австралија многу брзо ќе биде подтотвена да тргне. 

Вакцинираните лица ќе може да бидат ставени во карантин дома седум дена по нивното враќање во земјата, со што ќе се избегне задолжителниот скап 14-дневен карантин во хотел, што во моментов е на сила – изјави Морисон.

Австралија на 20 март минатата година воведе некои од најстрогите погранични ограничувања во светот, како одговор на пандемијата на корона вирусот, по што во следните 560 дена беа прекинати бројни меѓународни летови, а патувањата во странство беа сведени на минимум.

Со тоа семејства беа поделени на повеќе континенти, австралиските државјани беа блокирани во странство, додека странските државјани беа блокирани во земјата и не можеа да ги видат своите пријатели или родители.

Според Министерството за внатрешни работи, само во првите пет месеци од оваа година биле одбиени повеќе од 100.000 барања за влез или излез од земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.