Сирија планира пред Обединетите нации да го покрене прашањето за кражбите на сириска нафта и да побара отштета од САД, изјави сирискиот претседател Башар ал-Асад во интервју за РИА Новости.
Истовремено тој ОН ги оцени како „полудржава, контролирана од бандитски групи и формирана врз принципот на сила”.

Јас, Вие и многу луѓе низ светот знаеме дека ОН не постои, затоа што нема меѓународно право. (…) Ние ќе испратиме поплаки, но тие ќе останат по рафтовите – додаде сирискиот лидер.

Околу 90 отсто од производството на сириска нафта е сконцентирано на источниот брег на реката Еуфрат, што претходно беше јадрото и главниот извор на приходи за терористите од Исламска држава. Во овој период од конфликтот регионот е под контрола главно на сојузниците на САД, пред се, на курдските Сириски демократски сили (СДС).

Претходно портпаролот на Пентагон изјави дека приходите од сириската нафта ќе одат за СДС, а не за САД, а министерот за одбрана Марк Еспер додаде дека САД ќе ги бранат нафтените наоѓалишта во регионот што беше под контрола на Исламска држава.

Официјалните сириски власти во Дамаск не ги признаваат барањата на Курдите за автономна администрација во северна Сирија и активнстите на САД и СДС ги оценуваат како агресија врз земјата.

Москва смета дека активностите на Вашингтон го отежнуваат постигнувањето мировен договор во Сирија и создаваат „дополнителни дразнења” во конфликтот.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров претходно забележа дека САД се обидуваат да создадат „квазидржава” во северна Сирија.

Руското Министерство за одбрана пресметало дека САД од сириската нафта месечно заработуваат околу 30 милиони долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.