Уште еден осомничен за терористичкиот напад во Виена е уапсен во акција на специјалната единица „Кобра“ и агенцијата за заштита на уставниот поредок во Линц.
Како што пишува „Кронен цајтунг“, сведоци го виделе апсењето на еден човек, а истражителите одвеле и една или две жени.
Според првините информации, уапсениот маж во Линц, како и главниот напаѓач кој е застрелан синоќа во Виена, биле познати како исламисти. Во текот на апсењето немало пукање.
Убиениот напаѓач е идентификуван е како Кујтим Фејзулаи, а министерот за внатрешни работи на Австрија Карл Неамер, потврди дека минатата година бил осуден заради обид за придружување на Исламска држава.
Се работи за 20-годишник чии родители се Албанци од Македонија, а имал двојно државјанство и е познат на полициските органи од порано.
Неамер соопшти дека Фејзулаи без сомнение бил приврзаник на ИД, и дека на 25 април лани бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да замине во Сирија за да се приклучи на таканаречената Исламска држава.
Претходно, во Виена и во Санкт Полтен се уапсени 12 осомничени, кои се со потекло од Чеченија и Југоисточна Европа, пренесе порталот „Хojте“.
Виена и другите австриски градови се блокирани од утрово, а бројни полициски сили вршат претрес и истражуваат дејства поврзани со синоќешниот напад во кој настрадаа пет луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.