Стотици Авганистанци кампуваат во близина на аеродромот во Кабул со надеж дека ќе можат да ја напуштат земјата откако талибанците ја презедоа власта.
Лажните гласини дека сите оние што ќе успеат да стигнат до аеродромот ќе бидат евакуирани, поттикнаа многу Авганистанци да се упатат кон него. Според изјавите на очевидци, огромен број мажи, жени и деца спијат на улица чекајќи ја евентуаланата евакуација.

И денеска се уште не се знае дали ќе сообраќаат комерцијалните летови, со оглед на тоа што аеродромот не работи со полн капацитет.
Бројни западни земји организираат летови за евакуација за своите државјани и локалниот персонал кој работел за нив и сега може да биде цел на талибанците.

Германија денеска планираше четири летови за евакуација од Авганистан до Узбекистан и досега успеа да транспортира 400 лица на безбедно, додека Франција успеала со авион да ги евакуира повеќето луѓе што беа засолнети од талибанците во зградата на француската амбасада во Кабул.

Италија, исто така, сака да воспостави воздушен коридор. Денеска во Рим треба да слета првиот авион со 85 патници, соопшти италијанското министерството за одбрана.

Американската војска одлучува дали ќе отвори или ќе затвори одредени точки за пристап до аеродромот, земајќи ја предвид моменталната ситуација, соопштија официјални лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.