Администрацијата на претседателот Џо Бајден подготвува нов законски проект во висина од околу три трилиони долари за развој на инфраструктурата и нови вработувања. Планот вклучува и такви приоритетни домашни политики како бесплатни локални колеџи и детски градинки, како и развој на обновливи извори на енергија објави „Вашингтон пост“.

Новиот нацрт закон треба да биде даден на разгледување откако ќе се заврши со дистриубуцијата на пакетот мерки за помош на населениото и економијата погодена од пандемијата вреден 1,9 трилиона американски долари.

Трилионскиот план за развој на инфраструктурата, обновливи извори на енергија и создавање нови работни места е дел од предизборното ветување на Бајден со агендата за „подобра повторна изградба“.

Доколку се најде на дневен ред во Конгресот, се предвидува овој нацрт закон да биде гласно оспорен од републиканците, многу погласно отколку пакетот мерки за помош во пандемијата, бидејќи предвидува зголемување на даноците, дознава весникот.

Земјава немала вистински закон за инфраструктура уште од времето кога Двајт Ајзенхауер ги постави темелите на автопатната мрежа (на САД). Овој закон може да стори многу повеќе за американските фабрики и за нови работни места од било кој друг – изјави демократот Ед Рендел, поранешен гувернер на Пенсилванија.

Тој смета дека ова е пресвртен момент во американската историја.

Портпаролката на Белата куќа, Џенифер Псаки, изјави дека „претседателот Бајден и неговиот тим разгледуваат низа можности како да се инвестира во работничките семејства и реформира даночниот систем, за да се награди работата, не богатството“.

Разговорите за ова се во тек, сѐ уште е рано да се шпекулира за идните економски предлози, и тоа не е одраз на мислењето на Белата куќа – изјави Псаки.

Mич Меконел, пак, лидерот на републиканското малцинство во Сенатот од говорницата порача дека „таканаречениот предлог за инфраструктура всушност може да биде Тројански коњ за огромно зголемување на даноците и други левичарски политики за убивање на работните места“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.