6.056 лица се заразени со новиот коронавирус во Кина, а 132 починаа, соопштија кинеските власти.

За повеќе од 9.000 лица постои сомнеж дека се заразени и се подложени на медицински тестови, според кинеската санитарна служба. Вирусот се прошири во секоја провинција и регион во Кина, како и во најмалку 16 други земји во светот.

Бројот на заразените лица е поголем од оние што имаа САРС (тежок акутен респираторен синдром) во 2002 и 2003 година. Тогаш во Кина 5.327 лица беа заразени со САРС, од кои 349 починаа, а на глобално ниво беа заразени 8.906 лица, а 774 починаа.

Новиот вирус, идентификуван како 2019-нКоВ, му припаѓа на истото семејство како и САРС и има 80 проценти сличност на планот на генетиката. Сепак, новиот вирус е оценет како послаб, но позаразен.

Стотици странски државјани се евакуираат од кинескиот град Вухан, центарот на епидемијата на коронавирусот, откако беа потврдени повеќе смртни случаи и заразени.

Австралија планира да ги стави во двонеделен карантин своите 600 граѓани што се враќаат, на Божиќниот Остров – на околу 2.000 км од копното.

Јапонија, САД и ЕУ исто така ги враќаат своите граѓани.

Претседателот Си Џинпинг го нарече вирусот „ѓавол“, но рече дека Кина ќе го победи.

Експерт од кинеската Национална здравствена комисија рече дека може да поминат уште 10 дена додека епидемијата да го достигне својот зенит.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.