Црн старт на викендот со бројката од над 100.000 жртви на корона вирусот во глобални рамки. Полека но сигурно бројот на инфицирани лица се приближува кон 2 милиони.

„Невидливиот непријател“ не престанува да ги напаѓа Соединетите американски држави кои моментално се најпогодени од КОВИД-19. Земјата и натаму го држи неславниот рекорд на најмногу заразени од вирусот. Бројката надмина половина милион, а само во последните 24 часа починале над 2000 лица и е се поблиску да го надмине билансот на смртни случаи во Италија кој изнесува нешто над 18.800. Прогнозите за земјата се дека пикот на епидемијата се очекува в петок по кој ќе се регистрираат по минимум 900 жртви во еден ден.

А базиликата Свети Петар ден пред католичкиот Велигден осамна без кардинали и без верници. Папата Франциск легна пред распетието на празната црква и се молеше за болните од корона.

Од Србија, пак, пристигнуваат утешителни вести. Шефот на државата Александар Вучиќ изрази надеж дека вонредната состојба во земјата ќе се укине на крајот од месецот. Тамошните епидемиолози се уверени дека првото полувреме „од натпреварот“ е завршен, а пред нив во борбата со корона вирусот останува уште малку.

Треба да разбереме дека го завршивме првото полувреме. Не мислам само на оваа една недела туку на сите пет. Пред нас се уште пет недели, но само една од нив е тешка. И многу е битно во таа недела да не ни се случи грешка, да не влезе вирусот меѓу најосетливите, тоа е најважно – вели Предраг Кон- епидемиолог.

На стариот континент моментално најтензично е во Велика Британија. Олабавување на мерките, како што известуваат оттаму, не се очекуваат за скоро. Вчера на островот беа регистрирани 980 смртни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.