Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, треба да ѝ одговори на јавноста дали зад рушењето на Универзална сала се кријат и некои бизнис-интереси, побара денеска Јелена Жугиќ, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Локацијата на салата е во истата градска четврт во која се наоѓа и кругот на поранешната фабрика „Треска“, каде со измена на градежниот урбанистички план се планира да се изградат 50 нови згради. За да може станбениот комплекс да се реализира ќе треба да биде застапен и соодветен процент на зеленило, па можеби ете процентот ќе биде исполнет со паркот на местото на концертната сала? Дали Универзална сала станува жртва на бизнис-интересите на градската и извршната власт, прашува Жугиќ.

Жугиќ додаде дека скопјани не се согласуваат и апелираат градоначалникот да ја повлече одлуката за уривањето на Универзална сала.

Наместо уривање, Скопје и скопјани заслужуваат грижа и работа, проекти и капитални инвестиции преку кои Градот Убав ќе се развива како европска метропола, кажа Жугиќ.

Шилегов, пак, на денешниот брифинг рече дека досега никој нема донесено каква било одлука за Универзална сала, туку дека има три проекти за Универзална и три опции за тоа што ќе се гради.

Првата опција е да се гради нова сала на постојната локација, втората на нова ликација и последната за реставрација на постојната и изградба на нова мултимедијална сала на нова локација. Јас лично би сакал да се реализира третата опција. Со тоа, Универзална во постојната големина би останала, а Скопје би добил нов објект во кој би биле сместени и други културни институции како Театарот за деца и млади, Танец, а би имало и конгресен центар. Јас овие идеи ги отворам, за нив да се произнесе и Владата, стручната јавност но и граѓаните. Ако треба, ќе имаме и референдум за ова прашање, рече Шилегов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.