Завршната прес-конференција од кампањата на Зелен хуман град е посветена на прашањето на бездомните животни.

Бездомните животни се една од најгорливите теми во управувањето со градот. Активистите за заштита на животни со години работат да го решат проблемот, но тоа е невозможно кога институциите не само што не соработуваат туку и ја попречуваат нашата работа.
ЈП Лајка работи целосно нетранспарентно и е затворено за активистите. Претпријатието цела година одбива да ги достави влезните и излезните фактури од своето работење на што е обврзано со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На годишно ниво располага со 43 милиони денари јавни пари. Советничката и актуелната носителка на листата за советници на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за Град Скопје – Драгана Велковска од декември 2020 г. до денес и покрај две уважени жалби од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – не ги има добиено влезните и излезните фактури од ЈП Лајка, ниту има добиено информација колку точно кучиња се истретирани и кои услуги од Ценовникот на Лајка ги добиле при третманот. Фактурите се побарани бидејќи од извештаите на ЈП Лајка не може да се види ништо, тие се бегли, кумулативни и непрофесионално изработени. Прикривањето на финансиите на претпријатие кое е финансирано од јавни пари е кривично дело, велат оттаму.

Велат – поради целосно исклучување на активистите, претпријатието и го има крајно несреќното име Лајка – куче кое човекот го пратил во смрт поради експеримент.

Најмалку четири пати активистите за заштита на животните ја доставуваa програмата за трајно и хумано справување со бројот на бездомни животни до Град Скопје и до Лајка, но секојпат беа игнорирани и од претпријатието и од градоначалникот во заминување.
Не се само активистите игнорирани од ЈП Лајка. Иако претпријатието располага со огромен буџет на годишно ниво од 43 милиони денари, спротивно на член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните, одбива граѓани кои пријавуваат бездомни животни и бараат ЈП Лајка да ги залови и да ги истретира.
Прашањето со бездомните животни не може да се реши додека автократи управуваат со овој град и со градските претпријатија. Неопходни се лица на функции кои ги знаат решенијата втемелени на добри практики од светот и кои имаат волја да ги спроведат.
Во програмата на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е темелно опишан процесот на брзо и ефективно, но трајно и хумано, справување со бројот на бездомни животни.
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД нема да го отвори само претпријатието за граѓаните и активистите, туку целиот Град Скопје.
Скопјани мора да имаат контрола врз сите институции на Градот и врз начинот на кој се трошат нивните пари, зашто само така може да изградиме здрава, силна и праведна заедница, порачуваат во завршната прес-конференција ЗХГ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.