Револтирани сме од комплетната нефункционалност односно од комплетното отсуство на институции во Македонија кои доведуваат до навидум безизлезни ситуации како оваа што ја имаме со просторот спроти „Холидеј ин“, велат од „Зелен хуман град“
Очигледен и оправдан е очајот кај новомаалци кои урбанистичката мафија со децении ги држела во безизлез и крајно нехумани услови, за сега да им се претставува како спасител. Сценариото „создај проблем за да продадеш решение“ е веќе многупати видено во Македонија кога се цели јавното да се приватизира за да профитира мала група моќници. Простата замена на едни нехумани услови со други не е решение.
Од друга страна, очигледен е отпорот кај скопјани, а во најголем дел жители на Центар, против узурпирањето и дехуманизирањето на последната „слободна“ парцела на тој дел од градот.
Институтот за комуникациски студии следејќи го случајот во свој напис ја наведе следнава информација: „Продажбата [на парцелата, н.з.] ја извршило Министерството за транспорт и врски врз основа на извод од ДУП кој не се применува, согласно одлука донесена од Општина Центар за запирање на спроведувањето“, информираа лани од Антикорупциската комисија.
Сепак, Државниот правобранител дал позитивно мислење, а од Министерството за транспорт и врски тврдеа дека нема ништо спорно во продажбата.
Земјиштето спроти „Холидеј ин“ беше продадено во октомври 2018 година, по цена од 19.200 денари (312 евра) за квадратен метар. Тогаш Министерството продаде 9.048 квадрати, кои заедно со земјиште во приватна сопственост, добиено по пат на денационализација овозможија оформување на парцела од над 13.000 квадратни метри.
Предметниот урбанистички план усвоен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/10 на 21.12.2012 година не може и не смее да произведува правно дејство затоа што не е во согласност со Генералниот урбанистички план на Скопје 2012-2022 и со неговото применување е прекршен членот 35 став (5) од Законот за урбанистичко планирање (ЗУП) кој гласи:
Детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од генералниот урбанистички план, не може да се применува.
Оттука, и продажбата на земјиштето од страна на Министерството за транспорт и врски и одобрението кое го издал градоначалникот на Општината Центар се незаконски бидејќи произлегуваат од незаконското спроведување на деталниот урбанистички план за Ц 08 кој е спротивен на ДУП-от
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.