Во кругот на поранешната фабрика „ОХИС“ денеска започна чистењето на малата депонија контаминирана со линдан и неговите изомери. Нема да има третирање на отпадот или на загадената почва на самата локација. Загадената почва ќе биде спакувана во посебни непропустливи контејнери кои се одобрени од ОН и ќе бидат извезени во согласност со Конвенцијата од Базел и националните регулативи и ЕУ-регулативите, ќе бидат извезени во Франција и во Холандија за конечно отстранување на отпадот и уништување на истиот.
Со оваа активност започнува елиминацијата на една еколошка жешка точка во нашата држава, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на стартот на отстранувањето на линданот од малата депонија во „ОХИС“.
Од депонијата ќе бидат исчистени 700.000 тони контаминирана почва.
Претставниците на изведувачот „Полиеко“ информираа дека проектот ќе биде имплементиран со најновите достапни технологии и секако во согласност со највисоките стандарди.
Од техничка гледна точка, ќе биде подигнат специјализиран шатор на самата локација. Целата работа ќе се одвива во затворен простор за да се заштити јавноста и околината од какви можни ризици. Ќе има специјални единици за филтрација, за негативна филтрација на самата локација. Посебна респираторна заштита ќе им биде обезбедена на сите работници и сите овие технологии ќе бидат имплементирани во согласност со највисоките стандарди.
Во текот на активностите ќе има и програма за континуирано следење на животната средина.
Планот е, додаде Нуредини, во Франција да се извезе линданот, а во Холандија да биде извезена контиминарата земја под линданот.
За чистањето на малата депонија Министерството воспостави соработка со две агенции УНИДО и УНОПС.
Министерот се заблагодари на на Кралството Норвешка што како партнер на Владата даде несебична поддршка во формирањето на повеќепартнерскиот фонд за животна средина како и за финансиската поддршка од 1,5 милиони евра со кои ја помогнаа реализацијата на овие активности.
Првиот секретар на Амбасадата на Норвешка Стефан Сандста истакна дека навистина станувало збор за напорна работа, потенцирајќи дека се среќни што успеале да го изреализираат проектот со помош на нивните партнери.
Микела Телатин, шеф на Канцеларијата на УНОПС за Македонија, рече дека станува збор за навистина многу сложена процедура и операција и, како што истакна, навистина сме многу благодарни за целата поддршка што ја добивме од МЖСПП, Владата. Упати благодарност и за соработката со Амбасадата на Кралството Норвешка, другите организации на ОН како УНИДО коишто ја поддржаа Владата во нејзините напори за справување со оваа криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.