Непознати сторители вчеравечер запалиле два контејнера за одлагање смет што беа поставени во населбите Центар и Чаир. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека на улицата „Орце Николов“, во близина на Генералштабот, вчеравечер е запален еден новопоставен контејнер. Во Чаир, пак, е запален стар метален контејнер на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, соопштија од Град Скопје.
Ваков инцидент се случи и пред два дена кога во една ноќ беа запалени осум контејнери за одлагање смет во населбите Ѓорче Петров и во Ново Лисиче. Огнот предизвика голема материјална штета, а беа оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад.
Претходно, во населбата Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло, како и еден нов контејнер на улицата „Франклин Рузвелт“.
Сите случаи на опожарување на садовите за одлагање отпад се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.
Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.