На социјалните мрежи се шири фотографија од старата Скопска чаршија, на која се гледа дека калдрмата – ја нема.

 

 

Надлежни за старата скопска чаршија се општините Центар и Чаир, како и град Скопје, но надлежности има и министерството за култура.

За каква било реконструкција во старата скопска чаршија, мора да има дозвола од Национална установа – конзерваторски центар, кој е под министеството за култура. Но, законот забранува градежни активности во чаршијата, особено од ваков обем.

Експертите кои ги говорат за Вечер.мк, велат дека за било каква реконструкција да станува збор, калдрмата не може и не смее да се вади. Исто како што не смее да се наруши автентичноста на објектите при нивно реконструирање, односно не смее да бидат урнати па повторно изградени. Тоа е изрично наведено во законот за заштита на Старата скопска чаршија.

Заштитата на Старата скопска чаршија ги опфаќа сите заштитни мерки и програми коишто се спроведуваат за одржување, заштита и ревитализација на нејзиниот простор и објектите коишто се наоѓаат или се наоѓале во нејзините историски граници. На територијата на чаршијата се сместени 25 објекти со статус на заштитено културно добро како споменици на културата, чијшто статус бил доделен во периодот од 1950 до 1967 година. Со донесувањето на Законот за Старата скопска чаршија од 2008 година и самата Стара скопска чаршија била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.

Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење наведено е дека Старата скопска чаршија, која претставува споменичка целина, се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија – големо значење.

Со прогласувањето на споменичката целина Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење се овозможува:

– трајно зачувување на историските, уметничките, архитектонските, урбанистичките, амбиенталните, етнолошките, социолошките и другите научни и културни вредности, како и автентичноста, единственоста, разновидноста, интегралноста, староста и други својства, содржини и функции,

– создавање на поволни услови за опстанок и задржување на интегритетот на сите податоци што ги носи во себе како сведоштво,

– ширење на сознанија за нејзините вредности, значење и улога во културната идентификација, – оспособување да служи за задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните, како и

– спречување на дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.

Споменичката целина Стара скопска чаршија настаната во периодот од XV до XX век врз урбана структура што потекнува од XI век, како културно наследство од особено значење е добро од општ интерес за Република Македонија и ужива посебна заштита во согласност со овој закон, Законот за заштита на културното наследство и друг закон.

Член 7

Во Старата скопска чаршија не смее:

1) да се менува постојната урбана структура, односно уличната мрежа, големината на блоковите и парцелите, отворените простори и слично;

2) да се градат или внесуваат индустриски и слични капацитети што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување;

3) да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија и

4) да се врши ископ на темели или подруми ниту да се изведува кој било друг вид земјани или градежни работи без претходно спроведување заштитни археолошки истражувања.

Непосредната заштита на Старата скопска чаршија се спроведува според деталните параметри за заштита на заштитеното подрачје утврдени со деталните урбанистички планови од членот 6 на овој закон, како и според посебно пропишаните заштитно- конзерваторски услови што се однесуваат особено на:

1) зачувување на пешачкиот карактер на Старата скопска чаршија, со исклучоци во поглед на посебниот режим за снабдување и за возилата со специјална намена;

2) задржување на постојната висина на објектите, формата на покривите и оригиналните покривни материјали, со задолжителна употреба на ќерамиди како покривен материјал кај новоградбите;

3) усогласување на висината, изгледот, бојата и другите параметри за новоизградените објекти, односно објекти што се градат на празни локации или на места на дотраени објекти без вредности, со оние на постојните соседни објекти;

4) затскривање на сите видови на водови од инфраструктурата и инсталациите, односно обезбедување тие да не бидат видливи во просторот на Старата скопска чаршија и на уличните фасади;

5) употреба на квалитетно дрво за изработка на столаријата, наместо метал или пластифициран лим и постепено отстранување, односно заменување на употребените метални или пластифицирани профили на уличните фасади;

6) исклучување на можноста да бидат поставени и отстранувањето на веќе поставените потпирачи, телевизиски антени, репетитори, големи рекламни паноа и слично;

7) вклопување на фирми и други натписи, билборди, неонски реклами и друг вид рекламирање, сообраќајни знаци, споменичка сигналистика, осветлување, поплочување и друг вид опремување на улиците и другите отворени простори;

8) задржување и одржување на постоечките основни функции на Старата скопска чаршија и враќање на некои изворни функции или давање нови, современи функции на некои објекти, ако таквите функции се компатибилни со нивната природа и карактерот на споменичката целина;

9) заштитување на Старата скопска чаршија од секакви оштетувања, особено од оние што се резултат на несоодветно користење;

10) преземање превентивни и корективни мерки против деструктивните ефекти на бучава, удари и вибрации предизвикани од машини и возила и

11) вршење на конзерваторско-реставраторските и другите работи на непосредна заштита врз научна основа.

Член 8

Во контактните зони на Старата скопска чаршија не смее:

1) да се градат или внесуваат индустриски и слични капацитети што придонесуваат за присуство на разни форми на загадување;

2) да се врши ископ на темели или подруми ниту да се изведува кој било друг вид земјани или градежни работи без претходно спроведување на заштитни археолошки истражувања;

3) да се менува уличната мрежа доколку со тоа се нарушува или оневозможува функционалната комуникација со Старата скопска чаршија;

4) во непосредна околина на Старата скопска чаршија да се градат објекти чија локација, габарит и изглед непосредно влијаат на Старата скопска чаршија и

5) да се обликуваат отворените простори на начин на кој ќе се деградира или нагрдува автентичноста на Старата скопска чаршија и на заштитеното подрачје во целина.

Непосредната заштита во контактните зони се спроведува според деталните параметри за заштита на заштитеното подрачје утврдени со деталните урбанистички планови од членот 6 на овој закон, како и со преземање на дејствија кои треба да бидат во интерес на обезбедување просторна кохезија на Старата скопска чаршија со нејзиното непосредно опкружување, со што ќе се овозможи одржлив развој и просторна поврзаност на различните по содржина и вредност делови на заштитеното подрачје.

Член 9

Општините Чаир и Центар и нивните органи и јавни служби се одговорни за спроведување на мерки и активности во Старата скопска чаршија во рамките на нивните надлежности утврдени со овој и друг закон. Имателите на културното наследство во рамките на Старата скопска чаршија се одговорни за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на културното наследство во Старата скопска чаршија. Националната установа – Конзерваторски центар – Скопје е одговорна за преземање на заштитно-конзерваторски мерки во Старата скопска чаршија, согласно Законот за заштита на културното наследство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.