Во тек е реконструкцијата на локалниот пат во селото Бојане во Општина Сарај. Вкупната должина на овој пат изнесува 3 километри, со ширина од 5,8 метри. Паралелно со работите на реконструкцијата на патот, изградени се водоводна и канализациска мрежа, а се поставува и пешачка патека.

Како што напомена премиерот Зоран Заев кој денеска присуствуваше на увидот на градежните работи во Бојане, веќе 50 отсто од работите се завршени.

Тој посочи дека проектот опфаќа модерна и безбедна пешачка патека, како и зелени површини во должина од 4 километри.

-Со овој проект за изградба и санација на локални патишта и улици во општините го подобруваме урбаното живеење, обезбедуваме локален економски развој, безбедност во сообраќајот и подобра комуникација помеѓу граѓаните, рече Заев.

 

Според премиерот, реконструкцијата на патот во селото Бојане е само еден од сите инвестициски проекти на локалните власти во нашата земја, што ја има целосната поддршка на Владата низ повеќе различни програми.

Тој информира дека со 70 милиони евра директна помош за општините во наредниот период планираат да продолжат да реконструираат околу 450 километри локални улици и патишта во сите 80 општини во државата, плус градот Скопје.

-Патиштата ги поврзуваат луѓето, ги поврзуваат генерации, не поврзуваат сите нас, и го градиме нашето единство. Квалитетот на животот мора да биде еднаков и на село и во град, насекаде рамноправно во нашата земја, додаде премиерот.

Во моментов, како што рече, активно се работи на реконструкција на улиците во општините Капрош, Ѓорче Петров, Тетово, Кратово, Беорово, М.Брод, Прилеп, Неготино и други.

Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, реконструкцијата на овој пат е доказ како преку една соработка меѓу Општина Сарај и градот Скопје помогнати од Владата успеале заеднички да го решат овој деценски проблем на граѓаните на село Бојане.

-Ова село е последното населено место во градот Скопје кон граничната општина Желино, и долги децении било и заборавано и запоставувано од страна на градските власти, изјави Шилегов, кој денеска изврши увид на градежните работи во Бојане.

Шилегов посочи дека станува збор за буџетски средства на градот Скопје од околу 83 милиони денари.

-На граѓаните на Бојане овозможуваме квалитетна не само патна инфраструктура туку за првпат изведени се фекална и атмосферска канализација, но и водоводна мрежа со што проблемот кој што го имаа граѓаните од ова село веќе ќе биде надминат.

Скопскиот градоначалник напомена дека е изработен и тротоар од широчина од околу 1-ипол метар со што, сега Бојане конечно се поврзува со најдобрата инфраструктура.

-Ова докажува дека во Скопје секој е важен, дека во Скопје мораме да бидеме заедно, нема едни и други туку имаме едно наше заедничко Скопје со ваква посветеност убеден сум дека ќе продолжиме и во наредниве четири години, додаде Шилегов.

Градоналникот на Општина Сарај Блерим Беџети на денешниот увид на изградба на патот, посочи дека станува збор за инвестиција од над 83 милиони денари. Патот е околу 3 километри и со сите стандарди на широчина, атмосферска канализација, водоводна мрежа и тротоари.

И Али Ахмети, претседателот на ДУИ кој исто така присуствуваше на градежните работи напомена оти ова е доказ дека се работи за иднината на граѓаните, за иднината на индите генерации, но и за доброто на сите граѓани во нашата држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.