Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје изразува загриженост поради урбаното дивеење и узурпирање на таканаречениот зелен кров на ГТЦ и сето тоа под одобрение на Петре Шилегов.

Практично бетонската тврдина која никна на кровот на ГТЦ е нова бизнис зделка на власта, каде објект поголем од предвидената зелена површина треба да служи за ресторан и истиот според неформални сознанија треба да припадне на лица блиски до Шилегов и Власта, се вели во соопштението на Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје.

Од таму велат дека празната и популистичка флоскула на Шилегов „градиме по план” значи крадиме по план.

Бизнис моќници од угостителскиот бизнис блиски до Шилегов стојат зад бетонската градба на ГТЦ. И додека Шилегов и неговите лееа крокодилски солзи за спас на ГТЦ сега истите го сквернават за свои бизнис интереси градејќи бетонска тврдина на самиот кров. Шилегов глумеше нервозен полицаец кога граѓанин направи штета на неколку цевки на зелениот кров кој беше во градба и објавуваше видеа, а сега кога се гради бетонска тврдина среде ГТЦ се прогласува за ненадлежен. Неговата купи ден помини политика излегува на површина, се вели во соопштението.

Советничката група додава дека површноста, незнаењето и арамилукот на Шилегов и дружината го загрозуваат Скопје и ГТЦ.

Бараме итно обелоденување што се крие зад бетонската тврдина на ГТЦ, дали позади тоа стои бизнис интерес на познат скопски угостител близок до Шилегов и Власта и кој е процентот и провизијата за таквата зделка? 2 години Крадоначалник Шилегов, 2 години лаги, криминал, неработа, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.