Вкупно 675 илјади евра потроши Град Скопје и 20 општини за украсување на Новата 2020 година. Само Скопје потрошил околу 285 илјади евра, што е удел од 42 отсто од вкупните пари за оваа намена. Споредено со претходната година, намален е бројот на општини што се украсени, но е зголемена вредноста на тендерите.

Ова го покажува базата на податоци за сите тендери на локалните власти што денеска ја објави Центарот за граѓански комуникации.

Според податоците, дури 91 отсто од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот завршуваат кај две скопски фирми, Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел.

Околу 490 илјади евра односно 73 отсто од парите за новогодишното украсување се потрошени во Скопје и тоа од градските власти и од општините Центар, Аеродром, Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Шуто Оризари.

По Град Скопје најголемите договори за украсување ги имаат склучено скопските општини Центар и Аеродром истиснувајќи ги општините Карпош и Струмица кои лани беа на овие позиции. Промената се должи на тоа што Општина Центар годинава спроведе тендер по пауза од две години во вредност од 56.847 евра, а Општина Аеродром пак, ја зголеми вредноста на договорот за 54 отсто и за украсувањето потроши 48.519 евра, соопштува Центар за граѓански комуникации.

Освен што договорите ги добиваат истите фирми, податоците велат дека продолжува и старата навика на задоцнето објавување на огласите за јавна набавка на новогодишно украсување што секако, според Центарот за граѓански комуникации, неповолно влијае врз конкуренцијата и ги оневозможува потенцијалните понудувачи потемелно да ја подготват реализацијата на договорите.

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.