Едно позитивно дете во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Карпош ги затвори во изолација шеснаесетте соученци.
Децата, кои се во деветто одделение, од средата ја следат наставата онлајн.
Согласно протоколите, епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале и било одлучено целото одделение да остане дома.
Решенијата за домашна изолација пристигнаа во текот на викендот, сабота вечер и недела наутро. Иако децата имаат негативен брз тест, ќе мора да останат дома, вели родител за Република.
Осум ученици и класната се позитивни на коронавирус во основното училиште „Вера Циривири Трена“ во Карпош. Според епидемиолошката процена од денес сите 25 ученици од класот ќе следат онлајн настава, објави вчера „Република“.
Но, што се случува кога во едно одделение или еден клас во средно училиште е пријавен случај на ковид-19? Како тоа изгледа во реалност?
Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале и потоа се носи одлука дали сите ученици во одделението ќе заминат во изолација и ќе продолжат со настава на далечина.
И тука настанува збунетост, кој ќе оди во изолација? Тој што седел со позитивниот ученик, тој пред него, тој зад него, цела редица или само тие што не носеле заштитини маски? Има разни искуства околу решенијата за изолација во училиштата. Некаде одат само неколкумина, некаде родителите не ги пуштаат децата кога ќе слушнат дека има ученик кој е позитивен на ковид-19, некаде цело одделение. Најчесто се свикува родителска средба на која се информираат родителите за состојбата во одделението.
Не оди цел клас или одделение во изолација. Епдемиолозите прават проценка кои ученици биле во непосреден контакт со заразениот ученик, деца со кои се дружи, лица кои не носеле заштитна маска. Епидемиолозите прават анкета со заразениот и врз основа на таа анкета се дава мислење за изолација на детето. Ако родителите на детето не се вакцинирани тогаш и тие добиваат решенија за изолација. Но, ако имаат примено две дози на вакцина против ковид-19 и ако поминале 14 дена од втората доза, тогаш за нив нема решение, изјави за „Република“ д-р Бесим Зеќиери, директор на Центарот за јавно здравје Скопје.
Не е јасно утврдено што да прават оние родители чие дете е помало од 10 години, добило решение за изолација, а родителите му се вакцинирани и мора да одат на работа. Од друга сгтрана, реагираат и родителите кои не живеат заедно или пак се разведени. Детето додека е во изолација може да престојува само кај едниот родител, односно на адресата која е пријавена за домашна адреса на детето. Тоа дополнително им ја усложнува ситуацијата на родителите и на децата, зашто само едниот родител може да се грижи да детето.
Секое училиште треба да има координатор, тоа најчесто е педагог или психолог. Тие се задолжени да го известуваат општинскиот епидемиолог за секој нов случај на ковид-19. Испраќаат извештаи и потоа ги очекуваат насоките според епидемиолошките анкети, колкумина од децата треба да одат во изолација и наставата да продолжат да ја следат онлајн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.