Град Скопје информира дека за еден ден се исцрпени речиси половина од предвидените средства за субвенции за граѓаните за купување на велосипеди и електрични тротинети. Преку системот за електронско аплицирање вчера пристигнале над 1.200 пријави за субвенции за велосипеди, и 142 пријави за субвенции за електрични тротинети.

Градските власти посочуваат дека доколку продолжи големиот интерес за субвенциите, можно е исцрпување на средствата предвидени за субвенциите за електрични тротинети и затворање на јавниот повик на крајот на денот.

Инаку, во врска со овој повик за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година, од Градот Скопје потсетуваат дека граѓаните можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на оваа година, поточно од 1 јануари.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен”.

Право на учество на овие повици имаат жителите на Град Скопје – во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари, кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет во државата од 1 јануари 2021 година, се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици.

Во буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.

Во изминатите три години, Град Скопје додели над 10.000 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 527 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.

-На двата повика за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети граѓаните можат да се пријавуваат електронски, преку интернет-страниците на Град Скопје и Скопје лаб, www.skopje.gov.mk и aplikacii.skopjelab.mk или директно на линковите https://aplikacii.skopjelab.mk/velosipedi/ и https://aplikacii.skopjelab.mk/trotineti/, се наведува во соопштението на Градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.