Градот размислува да ги врати старите имиња на улиците. Многу од нив, како што посочи на вчерашниот брифинг скопскиот градоначалник Петре Шилегов добиле неприродни називи, а граѓаните се уште ги нарекуваат со старите имиња.
Како што посочи Шилегов, таква е ситуацијата со познатата „Ленинова” во Дебар Маало, која во времето на претходната градска администрација беше преименувана во „Аминта Трети”, но жителите се уште ја викаат „Ленинова”. Градоначалникот сепак потенцираше дека промената на имињата на улиците не им е од приоритет бидејќи има многу поважни работи што треба да се сработат во моментов.
– Јас живеам на „Мексичка”, која беше преименувана во Петре Пирузе кој бил прв министер за правосудство во Народна Република Македонија. Со преименувањето се губи хуманитарниот момент дека оваа улица го добила името како благодарност до Мексико за дадените донации по катастрофалниот земјотрес во Скопје, изјави Шилегов.
Од Градот велат дека засега до нив стигнало барање за враќање на старото име на Универзална сала наместо сегашното ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски”.
Инаку промената на дел од имињата на улиците во главниот град започна во 2013 година. Дел од улиците кои добија нови називи беа: улицата “Маршал Тито” се преименува во улица “Македонија”, улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин” сега се вика “Св. Кирил и Методиј”, “Водњанска” во “Мајка Тереза”. Улицата “Стив Наумов” и “Војвода Васил Аџиларски” во “Филип Втори Македонски”, а улицата “Салвадор Аљенде” на Водно во “Тодор Александров”, “Бихаќка” во “Павел Шатев”, итн. Смена се најавуваше на околу 300 имиња на улици и мостови.
Голем дел од жителите што живееја на овие улици не се согласуваа со промената на називите која им зададе вистинска главоболка со адресите во личните карти. Семејството на претседателот Киро Глигоров по кој беше прекрстен булевар Војводина преку писмо се обратија до Град Скопје дека не сакааат улицата да го носи неговото име. Култната група „Леб и сол” побара да не се менува името на “Мексичка” каде што настанала оваа група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.