Граѓанските организации од областа на климата и екологијата денес споделија свои мислења и забелешки за законот и стратегијата за климатска акција. Законот се уште не е влезен во формална процедура, а Стратегијата за климатска акција е влезена во постапка и може да се споделуваат забелешки најдоцна до 29 април, на веб-страницата на Министерството за животна средина. Јавна расправа ќе има на 9 април.
Треба да си го поставиме прашањето зошто некој има потреба од климатски закон. Закон е 1000 пати повеќе од ветување, ако сакаме да промениме нешто сериозно, бараме од правниците тоа да го направат. ЕУ е одличен пример за тоа. Во основа, законот поставува обврзувачки цели дека климатската неутралност треба да биде обврска до 2050 година. Но, потребни се јасни квантифицирани обврзувачки цели, а тоа фали во Законот за климатска акција. Треба да се одредат одговорностите на релевантните институции и вклученоста на властите. Зошто да нема квантитативна цел во овој закон? Земјата се обидува да го елиминира јагленот, но треба да кажеме кога точно? Вака само се преправаме дека ги решаваме проблемите, а ѓаволот е во деталите – истакнаа денес учесниците на работилницата на тема „Граѓански видувања на законото и стратегијата за климатска акција“, во рамките на Националната конференција за клима.
Секогаш е важно да ги гледаме и меѓународните искуства и во некои земји членки. Колку подолго чекаме, толку поголеми ќе станат проблемите. Одложувањето на климатските активности имаат влијание. Треба да се постават прашањата кои се приоритетие на земјата и зошто еволуираа процесите во ЕУ. Економскиот растеж не е цел сама за себе. Економијата мора да работи за луѓето и за планетата, се согласија присутните.
Проблем за нас е дека темата е многу стручна и побарува многу време и ресурси за да се следи и да одговориме на документите. Проблем, според нас е што овие постапки се одвиваа многу забрзано. Има делови од стратегијата кои според нас не се во ред. На пример, механизмите за климатска акција – емисија на стационарни извори, емисија од авијација, останатите сектори не се вклучени. Делот за образование е многу кус, сметаме дека подигнувањето на свеста и истражувањето на развојот треба да бидат темел на овие документи. Во визијата е напишано само дека Македонија до 2050 ќе биде просперитетна нискојаглеродна земја, а со договорот во Софија постигнат со земјите од регионот, јасно се обврзавме на нула емисии до 2050 – посочи Елена Николовска од „Еко-свест“.
Една од забелешките е дека немаме јасни цели во законот и дека нејасна е врската со Парискиот договор, што го ратификувавме. Има елементи кои се однесуваат на клучни елементи за ублажување. Лошо чувство за законот е дека треба да постои координација со различни одделенија, а не да се работи само на прашања кои се во функција на Министерството за животна средина. Тоа покажува како овој закон останува во зона само на оние луѓе што работат на ова поле.
Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ од Македонското здружение на правници објасни дека кај нас корупцијата е голем проблем во примената на законите, исто како и нееднаквиот третман на луѓето пред законот.
Ас.м-р Владимир Стојановски од Шумарскиот факултет ја истакна добрата работа на „Еко-свест“ и ангажманот околу оваа проблематика.
Кај нас кога се создава нов закон се оди по правилото на 3I – invite, inform, ignore! (Покани, информирај, игнорирај) Но, кога ќе дојде ред за конкретни чекори, ги игнорираме луѓето што имаат нешто да кажат. Шумарството не е спомнато во новиот закон. Доколку сакаме да се фокусираме на оваа област, треба да го издвоиме како посебна гранка. Мораме да сфатиме дека само заедно ќе успееме во ова – вели Стојановски.
Беше отворено и прашањето колку климатските промени се влезени во образовните системи и новите генерации да учат. Тоа е минимално или никакво, се согласија експертите.
Николовска од „Еко-свест“ посочи дека Парискиот договор не се сфаќа доволно сериозно во нашата земја.
Можеби следен чекор треба да бидат тужби кон државата за непридржување кон Парискиот договор, како што прават други земји. Може така ќе ја поттикнеме нашата земја за реална климатска акција – истакна таа.
Националната конференција за клима се организира со поддршка на Европската Унија, а ја организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.