Во Скопје денеска ќе се одржи единаесетата розова прошетка „Напред розово 2019 – чекори против ракот на дојка“, во организација на Здружението „БОРКА – за секој нов ден“ и Амбасадата на САД во земјава.
Настанот ќе започне во 11 часот пред Школка во Градскиот парк.
Манифестацијата ќе вклучи заедничка розова прошетка на повеќе од 1.500 учесници кои пешачејќи неколку километри ќе испратат порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка.
Во прошетката ќе земат учество сите граѓани на земјава, вклучувајќи и организирано учество на поддржувачи на Борка од градовите низ Македонија. По прошетката ќе следува музички хепенинг се со цел да се овозможи луѓето, т.е. борците против ракот на дојка да се зближат, да се дружат и да го слават животот.
Како и во годините претходно, така и оваа година ќе се собираат средства преку продажба на розови маици , кои средства ќе се искористат за реализација на годишните активности на Здружението Борка, а тоа се: обезбедување на психосоцијална помош и поддршка за болните од рак и нивните семејства, обезбедување на перики за жените со низок социјален статус кои примаат хемотерапија, посета на клиниката за онкологија и торакална хирургија од страна на волонтери на Здружението, одржување на бесплатната СОС линија за помош и поддршка и др.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.